Собранието денеска ги избра двајцата нови министри во Владата, по предлог на премиерот Мицкоски
Пратеникот Беким Сали се откажа од пратеничкиот мандат од пратеничката група на ВЛЕН и беше избран за министер за европски прашања, на местото на разрешениот Орхан Муртезани. Со преземањето на функцијата, Сали автоматски станува и прв вицепремиер.
Во меѓувреме, Мухамет Хоџа беше избран за министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Изет Меџити, кој по локалните избори ја презеде функцијата градоначалник на Општина Чаир.
Премиерот Мицкоски, образложувајќи го предлогот, истакна дека измените се направени со цел целосно екипирање и непречено функционирање на Владата, како и обезбедување континуитет во работата на клучните ресори.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги констатираше изборите со гласовите на мнозинството. За изборот на Мухамет Хоџа гласаа 72 пратеници – сите „за“, додека за Беким Сали гласаа 71 пратеник – исто така едногласно „за“, без гласови „против“ или „воздржани“.
По изборот, двајцата министри положија свечена заклетва, а своите процедурални обраќања ги одржаа на македонски и албански јазик.
„Изјавувам дека функцијата министер за европски прашања ќе ја извршувам совесно и одговорно и ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, изјави Беким Сали.
На изборот му претходеше парламентарна дебата, во која пратениците од опозицијата (НАИ и СДСМ) ги оценија кадровските промени како неуспешни, додека пратениците од ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ ги бранеа како неопходни реформи во извршната власт.