Бугарија предлага со итна испорака на мазут да и помогне на Македонија во време на кризна состојба

6

По наредба на бугарскиот премиер Росен Жељасков, министерот за енергетика Жечо Станков извршил проверка на состојбата со резервите на мазут во Бугарија, при што било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби, соопшти владината прес-служба во Софија.

Врз основа на овие наоди, бугарската влада понудила итни испораки на мазут за Северна Македонија, со цел да и помогне во услови на прогласената вонредна состојба. Понудата била пренесена во телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.

Од бугарска страна била изразена подготвеност за обезбедување на потребните количини мазут, во согласност со техничките и логистичките можности. Како што пренесува агенцијата БГНЕС, за време на разговорот било нагласено дека понудената помош претставува „израз на добрососедство и солидарност“, со цел зачувување на енергетската безбедност и стабилноста во регионот.

Понудата од Софија следува откако Владата на Северна Македонија вчера прогласи вонредна состојба поради доцнења во снабдувањето со енергенси. Причина за настанатата ситуација е блокадата на граничните премини со Грција од страна на грчките земјоделци, што го отежнува увозот на гориво и суровини.

Засега од македонска страна нема официјална информација или потврда во врска со понудата за помош од Бугарија.

Македонски