ДЗР: Гасоводи вредни 143 милиони евра изградени, но нефункционални поради имотно-правни спорови
Три магистрални гасоводи во должина од 267 километри, за кои државата потрошила 143 милиони евра, се целосно изградени, но сè уште не се ставени во функција поради нерешени имотно-правни односи, констатирал Државниот завод за ревизија во извршената ревизија на АД НОМАГАС.
Ревизорите утврдиле дека гасоводите се изградени во периодот 2016–2024 година, но нивната употреба е одложена поради нерасчистени сопственички односи и пролонгирање на роковите за изградба.
Имот без јасен правен статус
НОМАГАС располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир–Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но 78 придружни објекти – меѓу кои блок-станици, мерно-регулациони и чистачки станици – сè уште немаат утврден правен статус.
Дел од овие објекти се изградени уште во периодот 1995–2000 година со уредна документација, но никогаш не биле запишани во Катастарот на недвижности, а постапките за нивна легализација траат со години.
Ризик од дополнителни трошоци за Скопје
Ревизијата укажува и на проблеми со гасоводниот прстен околу Скопје, кој не е целосно завршен поради недоволна координација со Град Скопје. Во меѓувреме е изградена нова сообраќајница, што може да предизвика дополнителни градежни зафати и зголемени трошоци за затворање на прстенот.
Спорен заем и ризик за ликвидноста
НОМАГАС има побарување од краткорочен заем од 75 милиони денари даден на АД Пошта, кој треба да биде вратен до 30 декември 2025 година. Сепак, заклучно со мај годинава, вратени се само околу два милиони денари, односно помалку од три проценти, што според ревизорите може негативно да влијае врз ликвидноста и профитабилноста на друштвото.
Неповолно ревизорско мислење
Државниот завод за ревизија утврдил неправилности во управувањето со имотот, евиденцијата на капиталот и распределбата на надоместоци, поради што изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на НОМАГАС за 2024 година, како и за нивната усогласеност со законската регулатива.
Дополнително, ревизијата посочува дека сè уште не е воспоставен оператор на системот за дистрибуција на природен гас, ниту пак е усвоен десетгодишен план за развој на преносната мрежа за периодот 2024–2035 година, што дополнително го забавува развојот на гасниот систем во државата.