Анита Топалова-Исајловска избрана за в.д. државен јавен обвинител
Советот на јавни обвинители денеска едногласно ја избра Анита Топалова-Исајловска за вршител на должноста државен јавен обвинител.
На седницата, Топалова-Исајловска беше единствениот предложен кандидат за оваа една од најзначајните функции во правосудниот систем. Таа на новата позиција доаѓа од функцијата заменик јавен обвинител, која ја извршувала подолг временски период.
Назначувањето на вршител на должност државен јавен обвинител е извршено согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, кој предвидува ваквиот избор да се врши од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство.
Топалова-Исајловска ќе ја извршува функцијата до избор на нов државен јавен обвинител, но најдолго во период од шест месеци, како што предвидува законската регулатива.