Хаос на европските аеродроми по воведувањето на „новиот“ Шенген систем за влез и излез

10

Имплементацијата на Шенген системот за влез и излез (Entry/Exit System – EES), која започна на 12 октомври 2025 година, предизвика сериозни застои и хаос на бројни европски аеродроми.

И покрај уверувањата од Брисел дека процедурите ќе бидат брзи и дека системот е целосно подготвен, патниците во пракса се соочуваат со чекања од два до три часа за да ги поминат сите гранични и безбедносни проверки.

Аеродромските служби предупредуваат дека, доколку системот не се стабилизира до почетокот на јануари, состојбата би можела дополнително да се влоши, особено со зголемувањето на патничкиот сообраќај поради зимските празници.

И по речиси два месеца од воведувањето, системот за влез и излез сè уште се соочува со сериозни технички и организациски проблеми. Меѓу најчестите се:

  • чести прекини и недостапност на системот,

  • нефункционални порти за автоматска гранична контрола,

  • недоволен број киосци за земање биометриски податоци,

  • недостиг од полициски и граничен кадар.

Според аеродромските оператори, овие слабости директно влијаат врз протокот на патници и создаваат дополнителен притисок врз персоналот, додека патниците изразуваат незадоволство поради доцнења и пропуштени летови.

Очекувањата се дека Европската комисија во наредниот период ќе мора итно да интервенира со технички подобрувања и кадровско зајакнување, со цел да се избегне целосен колапс на аеродромскиот сообраќај во Шенген зоната.

Македонски