Кривична пријава против командир и четворица полицајци од ПО Чегране за „попречување на правдата“

8

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство за ГОКК – Специјализирано одделение, против Б.И., командир на Полициско одделение Чегране, како и против К.Б., Т.Е., В.Т. и Б.Е., сите полициски службеници од истото одделение при СВР Тетово.

Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“, казниво по член 368 став 8 од Кривичниот законик.

Според соопштението на МВР, пријавените полициски службеници во повеќе наврати во текот на 2025 година, постапувајќи по поплака за бесправно градење, измениле и изготвиле дополнителен службен материјал со кој ја промениле фактичката состојба, со што го спречиле, прикриле и го отежнале докажувањето во постапка пред надлежен суд или орган.

Дополнително, тие ја преквалификувале поплаката за бесправно градење во прекршок за лажно пријавување против подносителот на поплаката, без да ја утврдат фактичката состојба на терен, при што изготвиле записник и барање за поведување прекршочна постапка против пријавувачот.

Од МВР информираат дека против полицајците е поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а во меѓувреме ќе им бидат изречени задолжителни мерки за одземање на службеното оружје и муницијата, како и упатување на задолжителен психолошки и психијатриски преглед.

Македонски