Скандалозен извештај на ДЗР за АД ЕСМ: Милиони евра фрлени за опрема што фаќа прашина, адитиви со поминат рок и спорни тендери

Државната ревизија утврди низа системски незаконитости во набавки вредни 143,6 милиони евра. Над 70 отсто од парите завршиле кај само шест фирми, а скапо платени мотори стојат неискористени по магацини.

7

Серија сериозни системски слабости, прекршување на законите, фаворизирање одредени компании и трошење милионски суми за стоки и опрема што воопшто не се користат – ова се клучните констатации во најновиот поразителен извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на државната енергетска компанија АД ЕСМ – Скопје.

Според државните ревизори, постапките за јавни набавки и реализацијата на договорите во ЕСМ во сите материјални аспекти не се во согласност со законската регулатива. Под ревизорска лупа биле ставени 27 постапки за јавни набавки спроведени во периодот од 2022 до 2024 година, по кои само во текот на 2024 година биле преземени финансиски обврски во вкупен износ од рекордни 143,6 милиони евра (над 8,8 милијарди денари).

Милиони евра за опрема во магацин и хемикалии со поминат рок

Извештајот на ДЗР открива фрапантни примери на неефикасно и неодговорно трошење на парите на граѓаните:

  • Гасен мотор од 2,48 милиони евра стои нефункционален: Преку постапка со преговарање без објавување оглас, повикувајќи се на „крајна итност“ (чија оправданост ревизорите не можеле да ја потврдат), за набавка на гасен мотор биле исплатени речиси 2,5 милиони евра. Моторот никогаш не бил ставен во функција и подолг период се чува во магацин без обезбедени основни услови за негова употреба.
  • Фрлени 2,29 милиони евра за бајати адитиви: За набавка на адитив биле исплатени речиси 2,3 милиони евра, при што најголемиот дел од оваа хемикалија останал комплетно неискористен, па му истекол рокот на траење.
  • 1,72 милиони евра за дислокација на опрема: Платени се милионски суми за преместување опрема која потоа воопшто не била ставена во оперативна употреба.

Шест фирми лапнале 70% од тендерскиот колач

Ревизијата нотира сериозно нарушување на пазарната конкуренција. Дури над 70 отсто од вкупната вредност на сите договори склучени во 2024 година завршиле кај само шест економски оператори.

Ревизорите алармираат дека во голем број постапки имало само по една понуда, што отвора основан сомнеж за однапред договорени тендери. Дополнително, утврдено е дека техничките спецификации во огласите честопати биле „нацртани“ и дискриминаторски поставени – со насоки кои воделе кон точно одреден бренд, дизајн или конкретен овластен производител.

Кај дел од набавките воопшто немало документација со која се докажува квалитетот на испорачаната стока, а во одредени случаи раководството на ЕСМ прифаќало суштински промени на техничките карактеристики на опремата откако таа веќе била испорачана.

Спорни анекси за осигурување и заобиколување на Законот

Сериозни неправилности се откриени и кај осигурителните услуги. За договор склучен во 2023 година вреден 5,8 милиони евра, со анекси цената била дополнително зголемена за над 1,1 милион евра, иако интерната Стручна комисија на ЕСМ претходно писмено предупредила дека понудените цени се непазарни и превисоки. Во полисите се појавил и осигурителен брокер/агент, иако такво посредништво воопшто не било предвидено во тендерот.

ДЗР констатира и директно заобиколување на процедурите – во 2024 година биле направени набавки во вредност од 81.644 евра без воопшто да се спроведе законска постапка, со што бил пречекорен законскиот праг.

Хаос во планирањето: Планот за набавки менуван 19 пати во една година

Ревизорите заклучуваат дека целиот процес на јавни набавки во АД ЕСМ почива на лошо планирање. Наместо врз реални пазарни анализи и користење технички дијалог, набавките се планирале паушално. Како резултат на ваквиот аматеризам, само во текот на 2024 година биле донесени дури 19 одлуки за измени и дополнувања на Годишниот план за јавни набавки, што внело целосен хаос во финансиското работење, роковите и транспарентноста.

Државниот завод за ревизија упати серија строги препораки до раководството на АД ЕСМ за итно воспоставување внатрешни контроли, почитување на принципите на конкуренција и транспарентност, со цел да се прекине практиката на недомаќинско и незаконско трошење на државните ресурси.