Мицкоски: Лажните вести за водата во Скопје се хибриден напад, МВР веќе сослуша над десет лица
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека повеќе од десет лица веќе се повикани на информативен разговор во Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со ширењето на дезинформациите за квалитетот на водата за пиење во Скопје. Според него, станува збор за организиран обид за внесување немир и несигурност меѓу граѓаните, што тој го квалификуваше како хибриден напад.
Хибриден напад со комерцијална и политичка позадина
Мицкоски посочи дека зад хистеријата на социјалните мрежи стојат центри поврзани со опозициски партии, но нагласи дека во овој случај можно е да има и комерцијални мотиви.
„Она што посебно ме загрижува е што во еден ден, наеднаш, голем дел од маркетите ги испразнија своите резерви на пакувана вода. Се надевам дека со новите измени на Кривичниот законик ќе има соодветни казнени одредби за лица кои свесно вршат вакви хибридни напади и создаваат чувство на страв кај граѓаните“, изјави Мицкоски, упатувајќи ги новинарите во МВР за деталите од истрагата.
Одговорноста за Гостивар е кај локалната власт
Одговарајќи на обвинувањата на опозициската СДСМ дека Владата е виновна за едномесечната криза со водата во Гостивар, премиерот возврати дека одговорноста треба да се бара кај градоначалникот на Општина Гостивар.
„Градоначалникот на Гостивар е кадар поддржан токму од СДСМ, па затоа од нив нема да слушнете барање за негова одговорност. Напротив, Владата направи сè што беше во нејзина моќ за состојбата да се нормализира. Сега, кога системот е стабилен и граѓаните имаат безбедна вода, грижата е целосно во надлежност на ЈП ‘Комуналец’“, потенцираше Мицкоски.
Премиерот овие изјави ги даде за време на посетата на општина Кисела Вода, каде присуствуваше на свеченото отворање на новата спортска сала во основното училиште „Круме Кепески“.
Тагови: