Дипломатски одговор со скриени дилеми: МПЦ-ОА реагираше на изјавата на Вучиќ за „Српската црква во Скопје“
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) излезе со реакција по контроверзната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој говорејќи за Српската православна црква (СПЦ), изјави дека таа е „иста и во Скопје“.
Оваа изјава предизвика бурни реакции во македонската јавност, отворајќи го прашањето дали станува збор за политички гаф или за тенденциозен став кој задира во прашањето на црковната јурисдикција во Македонија.
„Канонска територија“ како индиректен одговор
Во официјалното соопштение на Синодот отсуствува директна конфронтација. МПЦ-ОА не бара од Вучиќ да ја повлече изјавата, ниту пак експлицитно дефинира дека СПЦ нема јурисдикција во Скопје. Наместо тоа, црковниот врв избра дипломатски речник, потенцирајќи дека МПЦ-ОА својата пастирска мисија ја остварува кон сите православни христијани „на својата канонска територија“, независно од нивната етничка или политичка припадност.
Со оваа формулација, МПЦ-ОА индиректно потсетува дека Скопје и Македонија се нејзина неприкосновена канонска територија и дека православните верници тука не се делат според националниот клуч.
Проблематичната формулација: „Отворена за сите“
Сепак, еден дел од соопштението отвора простор за дебата. Синодот наведува дека Црквата е „свесна за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ“, но додава дека останува „Црква отворена за сите“.
Иако целта веројатно била да се истакне наднационалниот карактер на Црквата, ваквата формулација може погрешно да се протолкува. Имено, таа остава простор изјавата на Вучиќ да се оправда со тезата дека тој мислел само на српското малцинство во земјава.
Но, според православното канонско право и територијалниот принцип, православните Срби во Македонија не се „гости“ кон кои МПЦ-ОА треба дополнително да биде „отворена“. Тие, како и сите други етнички заедници, се интегрален дел од локалната црква. Оттука, се наметнува заклучокот дека одговорот на МПЦ-ОА можел да биде многу појасен: Скопје е канонска територија на МПЦ-ОА и сите верници во неа припаѓаат на нејзиниот духовен живот.
Политика наспроти религија: Топката е кај СПЦ
Во завршницата на соопштението, Синодот децидно ги отфрла сите политички и идеолошки платформи „од каде и да доаѓаат“, што јасно сугерира дека изјавата на српскиот претседател се третира како политичка, а не како црковна позиција.
Сепак, во јавноста останува да лебди клучната дилема: Дали Српската православна црква сè уште смета дека има некаква јурисдикција во Скопје?
Одговорот на ова прашање нема да се добие преку политичките изјави на државниците, туку преку официјалниот став на црковните власти. Доколку по овој случај СПЦ јасно потврди дека Скопје е суверена канонска територија на МПЦ-ОА, прашањето ќе биде затворено. Во спротивно, молкот ќе остави широк простор за нови политички манипулации со црковните прашања.