Ноќна акција на 2.000 метри надморска височина: Приведени вооружени лица во срцето на Националниот парк Пелистер

10

Во координирана ноќна операција на ренџерската служба и припадници на СВР Битола, откриени се вооружени лица во зоната на строга заштита на Националниот парк Пелистер. Инцидентот се случил на тешко достапен планински терен, на надморска височина од над 2.000 метри, каде што движењето е строго ограничено.

Зоната на строга заштита под постојана закана

Од раководството на Националниот парк Пелистер алармираат дека токму највисоките и најзаштитените делови на планината се често мета на незаконски активности. Главна причина за тоа е недостатокот на соодветен надзор и лошата инфраструктура која го отежнува редовното патролирање на службите.

„Теренот на кој се одвиваше акцијата е исклучително тежок за контрола. Ренџерската служба се соочува со предизвици бидејќи недостига соодветна инфраструктура за редовни патроли. Шумските патишта, кои според стратешките документи треба да бидат клучни за заштита на природата и брза противпожарна интервенција, за жал, со години се оставени да пропаѓаат“, соопштуваат од НП Пелистер.

Модернизација за поголема безбедност

Оттаму додаваат дека рехабилитацијата на пристапните патишта е поставена високо на приоритетната листа на паркот. Веќе се преземаат конкретни чекори за нивно „опоравување“, со цел да се овозможи поефикасна контрола и спречување на криволов или други нелегални упади кои го загрозуваат екосистемот.

Полицијата во соработка со обвинителството работи на расчистување на случајот со приведените лица, а против нив се очекуваат соодветни кривични пријави за недозволено поседување оружје и упад во заштитена зона.