СДСМ: Бизнис-зделка на грбот на отруените – Владата доделила 100.000 евра за вода на фирма на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската СДСМ упати сериозни обвинувања за профитерство во екот на здравствената криза во Гостивар. Според партиското соопштение, додека граѓаните се справуваат со последиците од масовното труење, Владата преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) склучила договор за набавка на вода во вредност од 100.000 евра со директно договарање, без распишан јавен оглас.
Од СДСМ посочуваат дека добитник на овој „итен“ договор е компанијата „Кожувчанка“, која е во сопственост на градоначалникот на Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тендер-патриотизам“ без транспарентност
Во реакцијата на опозицијата се нагласува дека ваквиот начин на трошење на народните пари е веќе препознатлив модел на дејствување на актуелната власт.
„Бизнис зделка од 100.000 евра без тендер – тоа е реалната слика за „грижата“ на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Додека народот оди по болници, институциите намерно доцнат со реакции за да се создаде простор за вакви директни договори со партиски блиски компании. Ова е класичен пример на профитирање врз несреќата на граѓаните“, велат од СДСМ.
Обвинувања за системски молк и отсуство на одговорност
СДСМ повлече паралела и со најавениот закон за „Скопје 2028“, каде исто така се предвидуваат набавки без примена на системскиот Закон за јавни набавки.
„Поради ваквите политики, денес имаме затруена Македонија, а нема ниту еден одговорен. Ништо во државата не функционира освен бизнис-схемите на власта. Профитираат на грбот на народот и на здравјето на луѓето, додека институциите молчат за вистинските причини за епидемијата“, се додава во соопштението.
Партијата побара итно објавување на целата документација за овој договор и одговори од директорот на СОЗР, Ивица Томовски, за тоа врз основа на кои критериуми е избрана токму оваа компанија во услови на вонредна состојба.