КРУШЕВО ВО ЗНАКОТ НА ИЛИНДЕН: Вечерва започнува манифестацијата „10 дена Крушевска Република“

6

Со свечено кревање на востаничкото знаме на Гумење и пречек на илинденските коњаници, во Крушево вечерва официјално започнува традиционалната манифестација „10 дена Крушевска Република“. Со овој настан стартуваат чествувањата за Денот на Републиката и 121-годишнината од Илинденското востание.

Крушево денеска дише во духот на историјата, а програмата започна уште претпладне со положување свежо цвеќе на гробот на Дамјан Груев и посета на Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес.

Пречек на коњаниците и поворка низ градот

Централниот дел од попладневната програма започнува во 18:00 часот кај црквата „Свети Никола“, каде се очекува пристигнувањето на околу 140 коњаници од сите делови на Македонија.

„Посебен е пиететот да им се оддаде признание на коњаниците кои со децении ги негуваат илинденските традиции“, вели Захарија Ангелеска од Домот на културата.

По пречекот, ќе се формира свечена поворка која ќе се упати кон Гумење, оддавајќи почит пред вечните почивалишта на великаните Питу Гули и Тоше Проески, како и пред криптата на илинденците.

Црешовото топче повторно ќе пукне на Гумење

Свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 20:00 часот. На платото на Гумење, градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, ќе им се обрати на присутните, по што ќе биде прочитан историскиот Крушевски манифест. Кулминација на вечерта ќе биде симболичното пукање од Црешовото топче, со што симболично ќе се означи почетокот на десетдневната прослава.

Покрај официјалниот дел, посетителите ќе можат да ја видат и изложбата на Државниот архив насловена „Илинденското востание во архивската меморија“. Забавниот дел од програмата ќе продолжи со музички настапи во Градскиот парк.

Утре – Голем народен собир на Мечкин Камен

Главниот државен настан по повод 2 Август ќе се одржи утре на легендарниот Мечкин Камен. На централниот народен собир предвидено е празнично обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.

Крушево и годинава останува центарот на македонската државотворност, обединувајќи илјадници граѓани во чест на илинденските идеали за слобода и независност.

Македонски