„КОМУНАЛЕЦ“ ГОСТИВАР ДЕМАНТИРА: Водоводот е готов 98%, две години чекаме одобрение за последните 600 метри

3

Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар ги отфрли наводите за пропаѓање на милионскиот проект за реновирање на градскиот водовод, финансиран од Швајцарската агенција SECO и Германската развојна банка KfW. Според претпријатието, проектот е во финална фаза на реализација, а главната кочница не е техничка, туку институционална.

Од претпријатието тврдат дека околу 98 отсто од предвидените градежни и технички работи се веќе завршени и тестирани, за што како доказ до медиумите испратија обемна техничка документација, извештаи, фотографии и видео материјали.

Пречка се 600 метри и административен молк

Клучниот проблем за целосно ставање на системот во функција, според „Комуналец“, е потегот од само 600 метри за кој се чека дозвола од државните органи.

„За целосно поврзување на системот недостасуваат уште 600 метри од трасата, на дел каде е неопходна согласност од Јавното претпријатие за државни патишта. Иако барањето е поднесено пред две години, одобрение сè уште нема. Без овој документ, законски не смееме да продолжиме со работа. Ова е суштинскиот факт зошто граѓаните сè уште го чекаат новото водоснабдување“, појаснуваат од претпријатието.

Подготвеност за ревизија и истрага

Од „Комуналец“ нагласуваат дека работите не ги изведувале тие, туку договорно ангажирани фирми под двоен стручен надзор, согласно сите меѓународни стандарди на донаторите. Во одговор на сомнежите во јавноста за евентуални злоупотреби, претпријатието изрази целосна подготвеност за соработка со истражните органи.

„Документацијата е на располагање на сите надлежни институции, ревизорски тела и истражни органи. Доколку постои било каков сомнеж за ненаменско трошење средства, тоа треба да се утврди во законска постапка со прецизно лоцирање на одговорноста кај секој поединечен учесник“, се вели во соопштението.

Од ЈП „Комуналец“ апелираат дебатата да се води врз основа на факти и документи, а државните институции итно да ги отстранат административните бариери со цел системот конечно да биде ставен во целосна функција за потребите на гостиварци.

Македонски