Вонредна седница во Гостивар поради кризата: Суспендирана директорката на „Комуналец“

13

Советот на Општина Гостивар ќе одржи вонредна седница поради кризата со водоснабдувањето и зголемениот број граѓани со здравствени тегоби. Локалните власти најавија и заседавање на кризниот штаб, од каде се очекуваат конкретни мерки за заштита на населението и нормализирање на состојбата.

Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, информираше дека веќе се преземени кадровски мерки во врска со проблемите во функционирањето на градскиот водовод.

Тој соопшти дека директорката на ЈП „Комуналец“, Артана Асани, е суспендирана, како и уште неколку лица кои биле одговорни за водоснабдителниот систем.

„Општината ќе соработува целосно со надлежните институции за објективно и транспарентно да се утврдат фактите, одговорноста и трајното решение за проблемот“, порача Лимани.

Вода ќе се доставува и до домовите

Како дополнителна мерка, Општина Гостивар најави воспоставување телефонски број преку кој граѓаните што немаат можност сами да обезбедат вода за пиење ќе може да побараат достава до своите домови.

Мерката се очекува да биде особено важна за повозрасните лица, хронично болните, лицата со попреченост и семејствата кои не можат да стигнат до пунктовите за дистрибуција на вода.

Градоначалникот упати благодарност до компаниите, организациите и граѓаните кои се вклучиле во обезбедувањето помош и вода за жителите на Гостивар.

На вонредната седница на Советот и на состанокот на кризниот штаб се очекува да се разгледаат дополнителни мерки за снабдување со безбедна вода, заштита на јавното здравје и справување со последиците од актуелната состојба.

Македонски