ПРИВЕДЕНА ДИРЕКТОРКАТА НА „КОМУНАЛЕЦ“: Полицијата ги уапси раководните лица на гостиварскиот водовод

11

Полицијата попладнево ја уапси директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Гостивар, Артана Асани, информираат првичните извори од теренот. Акцијата следува по серијата скандали со загадувањето на водата во градот, поради кои илјадници граѓани завршија со симптоми на труење.

Покрај Асани, која претходно беше суспендирана од страна на градоначалникот, приведени се и двајца нејзини блиски соработници:

  • Леон Нуредини, технички директор на претпријатието;
  • Вадедин Дервиши, раководител на работната единица „Водовод“.

Според неофицијалните информации, апсењата се дел од обемната истрага што ја води Основното јавно обвинителство Гостивар во соработка со МВР, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“ и загрозување на јавното здравје.

Се очекува приведените наскоро да бидат изведени пред јавен обвинител на сослушување, по што судија на претходна постапка ќе одлучува за евентуално одредување мерки на претпазливост или притвор.

Оваа полициска акција доаѓа во момент кога градот е под официјално прогласена епидемија на гастроентероколит, а истражните органи веќе констатираа дека во водоводниот систем кај Вруток незаконски биле поставени пумпи кои вбризгувале нетретирана вода од реката Вардар во главниот цевковод.

Македонски