Клековски: Бројот на здравствени контакти во Гостивар надмина 3.000, но епидемијата покажува знаци на смирување
Министерот за здравство, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција изнесе нови податоци за епидемијата на гастроентеритис во Гостивар. Според официјалните статистики, досега се евидентирани вкупно 3.100 здравствени контакти, бројка која ги опфаќа првите прегледи, телефонските консултации и интервенциите на Итната медицинска помош.
Иако бројот на засегнати граѓани е голем, министерот соопшти охрабрувачка вест дека по повеќедневниот пораст, забележан е првиот тренд на опаѓање на нови случаи.
Прв ден со намалување на бројот на новозаболени
„На 19 јули е забележан првиот ден со намалување на бројот на првичните здравствени контакти. Вчера беа евидентирани вкупно 564 нови контакти, што е помалку во споредба со претходните денови“, истакна Клековски.
Министерот информираше дека во моментов на болничко лекување се задржани вкупно три лица, а хоспитализирано е и едно дете. Клиничката слика кај повеќето пациенти останува иста – доминираат стомачни тегоби, додека треска и покачена температура се јавуваат поретко.
„Институциите не кријат информации“
Клековски категорично ги отфрли обвинувањата за наводно прикривање на податоци од страна на надлежните органи. Тој нагласи дека Министерството за здравство и сите инволвирани служби постапуваат транспарентно и ги вршат сите неопходни истражувања за да се изолира изворот на заразата.
„Во ниту еден момент немало криење на информации од страна на Министерството за здравство. Јавноста е редовно информирана за сите преземени чекори и резултати од терен“, дециден е Клековски.
Здравствените власти апелираат до граѓаните и понатаму да се придржуваат до препораките за хигиена и да ги користат само безбедните извори на вода кои се на располагање низ градот, сè додека не биде објавена конечната одлука за исправноста на градскиот водовод.