НАПАД ВРЗ НОВИНАР ВО ГОСТИВАР: Сопственик на локална телевизија пријавил закани и обид за одземање на камерата

5

Гостиварската полиција работи на расчистување на инцидент кој се случил синоќа на улицата „Илинденска“, каде мета на напад бил локален новинар додека ги извршувал своите професионални задачи. Според првичните информации, причина за нападот е претходно објавена вест од страна на медиумскиот работник.

Новинарот Б.М. (48), кој е и сопственик на локална телевизија во Гостивар, го пријавил случајот во полициската станица, наведувајќи дека околу 19:30 часот бил пресретнат од сограѓанин со иницијали А.Л.

Според исказот на пријавителот, напаѓачот упатувал сериозни закани по неговата безбедност и се обидел со сила да му ја одземе професионалната камера со која новинарот снимал материјал на терен.

„Според пријавеното, најверојатно мотив за нападот е претходно објавена фото-вест од страна на новинарот. Секторот за внатрешни работи Тетово веќе ги презема сите неопходни мерки за целосно документирање и расчистување на случајот“, соопштија од СВР Тетово.

Овој инцидент доаѓа во период на зголемени тензии во градот поради актуелната здравствена криза, а новинарските здруженија постојано апелираат на почитување на интегритетот на медиумските работници и нивно непречено информирање од терен. Полицијата најави дека по расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Македонски