НОВ АЛАРМ ВО ГОСТИВАР: Покрај труењето, постои ризик и од појава на Хепатит А

8

Здравствената криза во Гостивар зема нов замав. Додека градот сè уште се справува со последиците од масовното труење, во изминатите 24 часа се појавија загрижувачки информации за хоспитализирани деца со симптоми кои укажуваат на вирусен хепатит. Иако овие наводи сè уште не се официјално потврдени од лабораториските анализи, состојбата на терен налага итна претпазливост.

Ризикот од појава на Хепатит А, познат како „болест на нечисти раце“, е реален и висок, особено во услови кога водата од градскиот водовод е сè уште под строга забрана за секаква употреба. Епидемиолозите предупредуваат дека доколку дошло до контаминација на системот со отпадни води, покрај бактериските инфекции, постои голема веројатност за ширење и на вирусни заболувања.

Итно се бара максимална хигиена

Поради критичната состојба, упатен е итен апел до сите граѓани на Гостивар и околните населени места максимално да водат сметка за личната и колективната хигиена.

Клучни препораки од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ):

  • Строго почитување на забраната за пиење и подготовка на храна со вода од водоводот;
  • Често миење на рацете со сапун и користење на средства за дезинфекција;
  • Користење исклучиво флаширана вода или вода од обезбедените пунктови за сите потреби;
  • Внимателно чистење на површините во домовите.

Институциите во трка со времето

Додека граѓаните живеат во неизвесност, лабораториите на ИЈЗ работат на комплетирање на деталните анализи кои треба да го утврдат присуството на вируси и бактерии. Здравствените власти апелираат родителите веднаш да се јават кај матичен лекар доколку кај децата забележат било какви симптоми.

Екипата на „Македонски Радио Портал“ останува во Гостивар да го следи развојот на настаните од час во час.

Македонски