ПОЛИТИЧКА ВОЈНА ЗА ГОСТИВАР: СДСМ обвинува за свесно доцнење со епидемијата, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од локалната власт
Здравствената криза во Гостивар, која резултираше со речиси 2.000 заболени граѓани и официјално прогласување епидемија, стана центар на жестоки меѓупартиски обвинувања. Додека опозицијата тврди дека институциите знаеле за небезбедната вода но молчеле, владејачкото мнозинство вината ја лоцира во „аматеризмот“ на локалната самоуправа.
СДСМ: Епидемијата не избувна преку ноќ, институциите калкулираа
Од опозициската СДСМ обвинуваат дека надлежните државни институции имале информации за небезбедната вода и зголемениот број пациенти уште во раната фаза, но свесно доцнеле со реакцијата.
„Епидемијата во Гостивар се развиваше со денови пред очите на надлежните. Тие имаа јасни предупредувачки сигнали, но прогласувањето на епидемијата дојде дури откако болниците беа преполни. Јавното здравје не смее да биде предмет на политички калкулации. Институциите мораа да преземат мерки веднаш, без оглед на формалните процедури“, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: СДС, ДУИ и Таравари ги оставија граѓаните без вода за пиење
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорноста ја насочува директно кон коалицијата што ја предводи локалната власт во Гостивар (СДСМ, ДУИ и крилото на Арбен Таравари). Според нив, ветувањата за „подобар живот“ се претвориле во страв и неизвесност.
„Локалната коалиција ги остави граѓаните без елементарниот услов за живот – безбедна вода за пиење. Никаде ги нема да понесат одговорност за скандалот. Лицемерно е СДСМ да зборува за здравство, кога на чело ја имаат личноста под чие министерување изгореа луѓе во модуларната болница. Очекуваме целосно расветлување и казни за несовесното раководење на општинските институции“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вреди“: Безбедноста на гостиварчани е апсолутен приоритет
Од коалицијата „Вреди“, која е дел од владината коалиција, нагласуваат дека се фокусирани на решавање на проблемот и помош за населението. Тие потсетуваат дека преку државните механизми веќе се обезбедени и се дистрибуираат 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно.
„Здравјето на граѓаните ни е апсолутен приоритет. Очекуваме резултатите од лабораториските анализи да бидат објавени што е можно поскоро, а истрагата да продолжи додека не се утврди и најмалиот детал за причините за загадувањето“, порачуваат од „Вреди“.
Додека партиите се пресметуваат со соопштенија, Гостивар останува под строг режим на користење вода, а истражните органи работат на терен за да потврдат дали во водоводниот систем навистина била вбризгувана нетретирана вода од реката Вардар.