ХУМАНОСТА НА ТЕСТ: Пожарникар од Тетово со вознемирувачко сведоштво за мајка и ќерка оставени на милост и немилост

1,437

Потресна исповед на тетовски пожарникар ја бранува јавноста. Преку социјалните мрежи, тој сподели детали од денешната интервенција која го оставила во шок дури и него, иако низ професијата се соочил со бројни тешки ситуации. Станува збор за спасување на две немоќни жени – мајка и ќерка, кои биле пронајдени во нивниот стан во критична состојба и целосно напуштени.

Според сведоштвото на пожарникарот Игор Симовски, екипата морала да влезе во станот преку балконот за да ги извлечат жените кои биле заглавени внатре. Во домот затекнале вистински шок: 80-годишна мајка со преживеан мозочен удар и нејзината 50-годишна ќерка која боледува од церебрална парализа.

„Брзата помош доцнеше 35 минути, институциите потфрлија“

Она што дополнително го револтирало спасувачот е однесувањето на останатите надлежни служби. Тој тврди дека на Брзата помош и биле потребни 35 минути за да пристигне на местото на настанот, но и по нивното доаѓање, жените повторно биле оставени сами на себе.

„Во мојата професија сум видел многу страшни работи, но ова денеска е ужасно. Да влегуваш преку балкон за да спасиш немоќни лица, да чекаш Брза помош 35 минути и на крајот тие пак да бидат оставени сами на себе… ова го нема никаде во светот“, пишува во неговата објава.

Апел за итна помош

Пожарникарот упати јавен апел до државните институции, но и до сите граѓани, итно да се преземе нешто за ова семејство на кое му е неопходна постојана грижа и медицински надзор.

„Апелирам до државните органи, но и до сите нас како луѓе – да им помогнеме некако. Тие не можат сами“, стои во неговиот апел.

Овој случај го отвора прашањето за капацитетот на социјалните служби и ефикасноста на здравствениот систем во Тетово, особено кога станува збор за најранливите категории граѓани кои немаат блиски да се грижат за нив.

Македонски