ДРАСТИЧЕН СКОК НА ЦЕНИТЕ: Дизелот поскапува за 5,5 денари, нов ценовен шок за горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за значително зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати. Најголем удар ќе претрпат корисниците на дизел гориво и на масло за домаќинство, чии цени од полноќ вртоглаво растат.
Според најновата одлука на РКЕ, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 5,50 денари по литар. Значително поскапување има и кај Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое ќе се продава за 4,50 денари повеќе во споредба со досегашната цена.
Бензините бележат нешто поумерен раст – цените на ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се коригираат нагоре за 1,50 денари по литар. Мазутот М-1 НС исто така поскапува за 0,938 денари по килограм.
Новиот ценовник на бензинските пумпи ширум земјава ќе изгледа вака:
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 88,00 ден/литар
- ЕУРОСУПЕР БС – 95: 87,00 ден/литар
- ЕУРОСУПЕР БС – 98: 89,00 ден/литар
- Екстра лесно масло (ЕЛ-1): 86,00 ден/литар
- Мазут М-1 НС: 42,168 ден/килограм
Главната причина за ваквата корекција се зголемените референтни цени на нафтените деривати на светските берзи, како и движењето на курсот на денарот во однос на доларот. Новите цени стапуваат на сила веднаш по полноќ и ќе важат до следната одлука на Регулаторната комисија.