ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ПРЕД ИСТЕК НА РОКОТ: Левица иницира средба, власта бара консензус, СДСМ предупредува на манипулации

5

Дополнителниот рок за донесување на новиот Изборен законик истекува следната недела, а политичките партии сè уште не можат да најдат заеднички јазик, особено околу гласањето на дијаспората. Во обид да се спаси 10-от чекор од европската Реформска агенда, за в понеделник е најавена нова средба иницирана од партијата Левица, додека владејачкото мнозинство нуди отворена опција – опозицијата сама да го напише текстот за спорните прашања.

Политичката битка околу Изборниот законик влегува во фото-финиш. На последната средба на координаторите, владејачките партии им понудија на опозиционерите целосна слобода за постигнување договор, ветувајќи дека ќе прифатат секакво усогласено решение.

ВМРО-ДПМНЕ нуди компромис преку ДИК

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно упати повик за забрзување на динамиката. Тој појасни дека власта е подготвена да остави временски простор за Државната изборна комисија (ДИК) детално да ги уреди правилата за гласањето на иселениците.

„Платформата за која зборуваме предвидува до 30.09.2028 година ДИК да го утврди начинот и да ги надмине сите спорни прашања што ги поставува опозицијата – дали ќе биде електронско или поштенско гласање. Нека го договорат тоа. Сè што опозицијата смета дека е лоша практика, ние нема да го прифатиме. Нека го напишат во пречистен текст на закон, нека го донесат и ние ќе го изгласаме“, изјави Стојановски.

Албанската лига условува со локалните избори

Од друга страна, коалицијата Албанска лига постави јасна црвена линија – дијаспората мора да добие право на глас на локалните избори, во спротивно тие ќе го блокираат законот.

„Имавме свои предлози за изборните единици и за финансирањето, но направивме отстапки заради консензус. Она од што не се откажуваме е можноста дијаспората да гласа на локалните избори. Доколку тоа не се овозможи, ќе продолжиме да го блокираме законот“, порача Елми Азири од Албанската лига.

СДСМ: Мицкоски бара алиби за реформски неуспех

Опозицискиот СДСМ останува цврсто на ставот дека предложениот модел за електронско гласање е обид за манипулација. Тие потсетуваат дека дијаспората и сега има законско право на глас според постојниот модел.

„Ние сме против неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна кражба, без разлика дали е електронско или преку пошта без соодветни гаранции. Суштината е дека Изборниот законик за Мицкоски не е цел, туку изговор. Неговата група не сака да го донесе овој закон само за да има алиби зошто не ја исполнува Реформската агенда“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Притисок од Брисел

Времето за политички маневри истекува, а притисокот доаѓа и од меѓународната заедница. За време на неодамнешната посета на Скопје, новата еврокомесарка Марта Кос, на заедничката прес-конференција со премиерот Мицкоски, директно ги повика сите политички партии да покажат зрелост, да постигнат консензус и да го изгласаат Изборниот законик во Собранието како клучен чекор кон ЕУ.

Македонски