Инцидент на Ќафасан: Тројца високи функционери на ВРЕДИ задржани на албанската граница

4

Коалицијата ВРЕДИ упати јавно барање за објаснување до властите на Република Албанија, откако тројца нивни високи функционери биле задржани околу еден час на граничниот премин Ќафасан. Станува збор за координаторот на пратеничката група Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани.

Дипломатски пасоши и неофицијални забрани

Според партиското соопштение, иако тројцата функционери поседувале и приложиле дипломатски пасоши, тие биле спречени да ја поминат границата без никакво официјално образложение.

„Неофицијалните информации од граничната полиција сугерираат дека против нив наводно постои забрана за влез. Сепак, на нашите претставници не им е врачена никаква одлука, документ или правно оправдување за ваквата мерка“, реагираат од ВРЕДИ.

Барање за одговор од Тирана

Партијата бара официјалните органи во Албанија под итно да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка и, доколку постои, кој ја донел и врз која законска основа се темели.

„Повикуваме меѓуалбанските односи да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури кои оставаат простор за сериозни сомневања“, се додава во соопштението.

Засега нема официјална реакција од албанското Министерство за внатрешни работи или од граничните служби во врска со причините за задржувањето на македонските функционери.

Македонски