ВМРО-НАРОДНА ОДБЕЛЕЖУВА 22 ГОДИНИ: Остануваме чувари на изворната идеја и патот кон ЕУ

233

Со порака за истрајност и верност кон историските вредности на организацијата, ВМРО-Народна партија денеска одбележува 22 години од своето основање. Од партијата порачуваат дека и покрај бројните обиди за нивна маргинализација, денес стојат на цврсти нозе како единствен вистински наследник на изворното ВМРО, со јасна визија за европска Македонија.

Во официјалното соопштение по повод јубилејот, од ВМРО-НП се осврнаа на изминатите две децении, опишувајќи ги како период на постојани политички премрежја и борба против, како што велат, „идеолошкиот франкенштајн“ кој денеска е на власт.

„Пред 22 години застанавме како цврст столб на историското ВМРО. Низ годините поминаа илјадници кариеристи и интересџии кои не бираа средства да нè дискредитираат и обезличат. Сепак, денес ВМРО-Народна, заедно со своето членство и мрежа на симпатизери, е посилна од кога било, калена од сите удари на оние кои сакаа да ја уништат изворната идеја“, стои во партиското обраќање.

Од партијата нагласуваат дека овие 22 години за нив не се само статистика, туку спој на визија и истрајност. Според нив, партискиот код влече корени уште од основањето на историската организација, прилагоден на современите потреби на државата.

„Денес со сигурност можеме да кажеме дека носиме историска одговорност за остварување на деценискиот сон – Македонија како полноправна членка на Европската унија. Тоа останува наш врвен приоритет и стратешка цел“, велат од ВМРО-НП.

Партијата го завршува своето обраќање со честитки до членството, најавувајќи понатамошно активно учество во политичкиот живот и застапување на македонските национални интереси низ призмата на евроинтеграциите.

Македонски