АНТИКОРУПЦИСКА СО НОВА СТРАТЕГИЈА: Мапирани критичните сектори, за борба против криминалот потребни 3,5 милиони евра

6

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, денеска официјално му ја предаде Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Чучуљ побара од пратениците документот да биде усвоен по итна постапка за да започне неговата имплементација.

Седум приоритетни зони за „чистка“

Новата петгодишна стратегија е производ на длабинска проценка на ризиците и го насочува фокусот кон секторите кои се клучни за развојот на државата, а каде корупцијата е најизразена. Антикорупционерите во наредниот период примарно ќе ги надгледуваат:

  • Јавните набавки и спроведувањето на законите;
  • Правосудството;
  • Транспортот и големите инфраструктурни проекти;
  • Урбанизмот, просторното планирање и градежништвото;
  • Здравството;
  • Животната средина, енергетиката и природните ресурси.

„Се фокусиравме на областите каде имплементацијата на мерките ќе има најзначаен ефект врз општеството и видливо ќе ја намали стапката на корупција“, изјави Чучуљ.

Построги санкции и „двојно“ казнување за функционерите

Покрај стратегијата, Чучуљ најави и измени на Законот за спречување корупција кои веќе се во владина процедура. Клучна новина е заострувањето на казните за функционерите кои прикриваат имот. По препорака на ГРЕКО, освен прекршочни казни, се воведуваат и дополнителни механизми како вонредни проверки на имотната состојба и отворање на истражни постапки.

Инвестиција во правдата: 3,5 милиони евра за пет години

Експертските пресметки покажуваат дека за целосно спроведување на стратегијата ќе бидат потребни најмалку 3,5 милиони евра. Чучуљ оцени дека ова е симболична сума во споредба со огромните бенефиции што државата и граѓаните ќе ги добијат доколку системот стане отпорен на корупција.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вети дека документот веднаш ќе биде доставен до пратениците и дека во најбрз можен рок ќе се најде на пленарна седница. „Се надеваме на ефикасна имплементација која ќе зависи од координираноста на сите чинители во државата“, порача Гаши.

Македонски