ПОТВРДЕН ПРВИОТ СЛУЧАЈ НА ЗИКА ВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА: Патникот се инфицирал за време на летување на Малдивите

8

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) го регистрираше првиот случај на инфекција со вирусот зика кај македонски државјанин. Станува збор за импортиран случај, односно лицето се заразило додека престојувало на Малдивите во периодот од 20 до 28 мај годинава.

Според епидемиолошкиот извештај на Одделението за вирусологија, пациентот ги почувствувал првите симптоми – треска, болки во мускулите и зглобовите и благо покачена температура – на 24 мај. Четири дена подоцна кај него се појавил и специфичен ситен и густ осип на телото. Лабораториските тестирања извршени во ИЈЗ ги отфрлиле денга и чикунгуња вирусите, но потврдиле позитивен наод за зика.

Пациентот е на домашно лекување

Од ИЈЗ информираат дека здравствената состојба на пациентот е стабилна. Тој не бил хоспитализиран и по дијагностицирањето е упатен на домашно лекување. Во моментот неговата општа состојба се оценува како добра.

„Иако овој случај е изолиран, трендот на патувања во тропски дестинации каде што циркулира овој вирус, како што се Тајланд, Индонезија, Бразил и Карибите, го зголемува ризикот од појава на нови импортирани случаи. Вирусот примарно се пренесува преку каснување од азиски тигрест комарец“, појаснуваат од Институтот.

Колкав е ризикот за населението во Македонија?

Експертите од ИЈЗ, во координација со Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), проценуваат дека ризикот за општата популација во земјава во моментов е низок. Сепак, за граѓаните кои патуваат во ендемските подрачја, ризикот се движи од низок до среден.

За да се намалат шансите за инфекција, здравствените власти препорачуваат:

  • Користење на средства за заштита од комарци (репеленти);
  • Носење облека со долги ракави и ногавици;
  • Избегнување на места со застоена вода каде се размножуваат инсектите.

Институтот за јавно здравје продолжува будно да ја следи епидемиолошката состојба и апелира до граѓаните при враќање од тропски земји, доколку почувствуваат слични симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

Македонски