УСТАВНИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ: Се укинува одлуката од 2007 година за промена на имињата на улиците во Тетово

413

По речиси 17 години, наметнатите промени на имињата на повеќе улици во Тетово заминуваат во историјата. Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се укинува спорната Одлука на Советот на Општина Тетово од 24 април 2007 година, со која беа преименувани десетици улици во градот.

Веста за оваа правна победа прв ја сподели поранешниот директор на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, кој заедно со Сојузот на борците од НОБ – Тетово, на 11 февруари 2025 година ја поднесе Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на овој општински акт.

Враќање на старите имиња на македонските херои

Сотировски преку својот Фејсбук профил им се обрати на тетовчани, најавувајќи враќање на историските називи на клучните сообраќајници.

„Поздрав до сите кои во моментов шетаат по плоштадот и булеварот „Маршал Тито“, пазаруваат на улицата „Радован Цониќ“, возат долж „Иво Рибар Лола“ или чекаат преглед на „29 Ноември“. Заминаа во историјата наметнатите незаконски имиња на улиците во Тетово!“, напиша Сотировски.

Критика за политичката „попустливост“ од минатото

Тој потсети дека во 2007 година, советниците од сите тогаш претставени политички партии, прекршувајќи ја законската процедура, ги избришале имињата на македонските херои и јунаците од антифашистичката борба. Според него, тој потег претставувал директно непочитување кон Уставот и АСНОМ-ските темели на државата.

„Убеден сум дека сè што ни се случува е резултат на нашата колективна попустливост и предавање. Верувам дека сите можеме да дадеме многу поголем придонес кон општото добро. Сојузот на борци од НОБ – Тетово во овие години направи многу повеќе за градот отколку сите институции и партии заедно“, заклучи Сотировски, апелирајќи до граѓаните да ги поддржуваат локалните граѓански иницијативи.

Оваа одлука на Уставниот суд значи дека Општина Тетово сега има правна обврска да ја ревидира целата патна номенклатура и да ги врати таблите со старите историски имиња на спорните улици.

Македонски