ТОШКОВСКИ ОДГОВОРИ НА ПОВИЦИТЕ ЗА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ОД ЛЕВИЦА: „СДСМ, ДУИ и Левица се во координирана коалиција против редот и одговорноста“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, остро реагираше на најавата од партијата Левица за поднесување на трета интерпелација против него, оценувајќи го потегот како евтин политички настап и доказ за синхронизирана коалиција меѓу Левица, СДСМ и ДУИ.
Преку објава на својот Фејсбук профил, Тошковски истакна дека денешниот ден јасно ги разоткрил намерите на овие три партии, кои иако наводно се спротивставени, делуваат заеднички кон една единствена цел.
„На пратеничките прашања СДСМ папагалски го повторуваше зборот оставка, ДУИ настапи со своите традиционални измислени етнички прашања, а Левица поднесе нова интерпелација. Левица уште еднаш покажа дека, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ – партиите против кои градеа имиџ на алтернатива“, напиша Тошковски.
Спремен на дебата, но со остри критики за опозицијата
Иако ги критикуваше мотивите за интерпелацијата, министерот потенцираше дека го почитува демократското право на опозицијата и најави дека е подготвен да ги вкрсти аргументите во Собранието.
„Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Аргументите ќе ги соочам јавно, пред сите пратеници и граѓани. Но, лесно е од опозициска клупа да се пишуваат интерпелации, многу потешко е да се води институција и да се штити безбедноста на граѓаните. Луѓе кои никогаш не раководеле со институција и не управувале со буџет, денес ми држат лекции“, порача Тошковски.
„Се напаѓа оној што менува нешто“
Тошковски смета дека Левица го достигнала својот политички максимум без ниту еден конкретен резултат зад себе и дека сега, поради падот на рејтингот, се служи со агресивни политички конфронтации и создавање вештачки кризи.
Според министерот, оваа трета интерпелација за помалку од две години не е израз на грижа за државата, туку обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот и корупцијата што го практикувале претходните власти.
„Кога системот конечно почнува да функционира, најмногу се вознемируваат токму оние што профитирале од неговото нефункционирање. Не се напаѓа оној што е неважен, се напаѓа оној што менува нешто. Јас ќе продолжам да се борам со резултати, а конечниот суд ќе го дадат граѓаните“, заклучува министерот за внатрешни работи.