ПЕРИНСКИ ОД СОБРАНИСКАТА ГОВОРНИЦА: Лукровски официјално не поднел оставка, Карпош законски го води заменик
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ги отфрли шпекулациите за наводна оставка на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски. Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Перински потврди дека до неговиот ресор не пристигнало никакво официјално известување за повлекување на Лукровски од функцијата.
Прашањето до министерот го упати пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, кој побара одговор дали власта ја крие оставката на градоначалникот, додека со општината управува овластен советник.
„Градоначалникот има законско право на заменик“
Министерот Перински појасни дека согласно членот 52 од Законот за локална самоуправа, секој градоначалник има деловничко право да именува свој заменик од редовите на Советот. Тој додаде дека процедурата за евентуална оставка е јасна и не оди директно преку министерството.
„Градоначалникот не поднесува оставка до Министерството, туку до Општината, која потоа е должна да нè извести нас. Одговорно тврдам дека Министерството за локална самоуправа до овој момент нема добиено известување дека Сотир Лукровски се повлекол од функцијата“, дециден беше Перински.
Здравствени причини наспроти политички шпекулации
Дилемите околу отсуството на првиот човек на Карпош траат веќе некое време. Општина Карпош уште на 8 мај официјално соопшти дека Лукровски е на привремено боледување поради здравствени причини и дека неговите надлежности ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.
Сепак, во јавноста и дел од медиумите се појавија информации дека Лукровски наводно во два наврати се обидел да се повлече, но бил спречен од неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ. Овие наводи претходно ги демантираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој потврди дека се работи за боледување, нарекувајќи ги шпекулациите за оставка дело на „политички глодари“.
Додека опозицискиот СДСМ бара итна седница на Советот за расчистување на состојбата, институциите уверуваат дека локалната самоуправа во Карпош продолжува да функционира непречено и во рамките на законот.