НОВИНИ ВО ЗДРАВСТВОТО: Матичните лекари ќе препишуваат никотински фластери и мастики за одвикнување од пушење

12

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден без тутун, здравствените власти најавија нови мерки во борбата против пушењето. Матичните лекари наскоро ќе имаат овластување да препишуваат трансдермални фластери и мастики со никотин како терапија за граѓаните кои сакаат да го остават тутунот.

„Целта е да се обезбеди присуство на овие производи на пазарот, а матичните лекари да можат да ги препишуваат како официјално помагало за прекинување на оваа штетна навика,“ изјави Азир Алиу, најавувајќи координирана акција меѓу институциите и фармацевтскиот сектор.

Алармантни бројки: 3.600 смртни случаи годишно и ризичен раст кај младите

Ситуацијата со пушењето во Македонија е загрижувачка. Според претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Аким Али, во земјава годишно умираат околу 3.600 луѓе од последици поврзани со пушењето. Посебен предизвик претставуваат електронските цигари и модерните никотински производи кои агресивно се пласираат кај помладата популација.

„Четиринаесет од сто млади лица користат традиционален тутун, додека 9 отсто употребуваат електронски цигари. Индустријата со живописни бои и слатки вкусови има јасна намера: да ја нормализира употребата на никотин и да создаде нова генерација зависници,“ предупредува Аким Али.

Македонија со највисока стапка на пушачи во регионот

Податоците од последната анкета на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за 2023 година се фрапантни – дури 45,4% од возрасната популација во Македонија се изјасниле како активни пушачи.

Оваа зависност не е само здравствен, туку и огромен економски товар. Проценките на СЗО покажуваат дека употребата на тутун ја чини македонската економија околу 38 милијарди денари годишно, преку трошоци за лекување на болести и изгубена продуктивност. Со воведувањето на никотинската заменска терапија преку примарното здравство, надлежните се надеваат дека ќе се олесни патот за сите граѓани кои сакаат да се изборат со оваа зависност.

Македонски