ФИЛИПЧЕ ОБВИНУВА ЗА СВЕСНА БЛОКАДА НА ЕУ-ПАТОТ, ВМРО-ДПМНЕ ОДГОВАРА: СДСМ ја донесе државата во понижувачка позиција
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики до актуелната власт, обвинувајќи ја за свесно блокирање на евроинтеграцискиот процес на државата преку, како што вели, долгогодишна стратегија на „црн ПР“ и лажен патриотизам.
Според Филипче, владејачката партија уште од 2017 година градела пропаганден систем во кој сите стратешки добри политики биле претставувани како предавнички. Тој ги посочи претседателката Гордана Силјановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски како клучни актери во оваа реторика.
„Како говореше Силјановска-Давкова дека Преспанскиот договор е предавство и дека никогаш нема да го користи уставното име? Како говореше премиерот дека додека тој е во ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа? Ова што се случува денес е со умисла. Прво го претставуваат договорот како предавство, а потоа се обидуваат да објаснуваат нешто сосема друго“, изјави Филипче, нагласувајќи дека власта ја жртвува европската иднина за внатрепартиски поени.
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче продолжува со политиките на попустливост
На ваквите обвинувања експресно реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека токму кадрите на СДСМ ја довеле Македонија во ситуација да биде постојано условувана и блокирана.
„Венко Филипче и СДСМ никогаш немаат јасен став кога Македонија е понижувана. Додека од Софија отворено се испраќаат пораки дека барањата нема да запрат, тие продолжуваат со политиките на попустливост и национално понижување. Наместо достоинствена дипломатија и црвени линии, тие нудеа само молк“, се вели во партиското соопштение.
Од владејачката партија додаваат дека довербата во Филипче е на историско најниско ниво и го обвинија дека неговата политика се сведува на обиди по секоја цена да им се додвори на центрите кои бараат нови отстапки од државата.
„Токму поради ваквите поданички политики, СДСМ денес е четврта партија во државата, а доколку продолжат со истото темпо, на следните избори може и целосно да исчезнат од политичкиот спектар“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Овој последен судир на релација власт–опозиција само ги потврдува длабоките поларизации околу начинот на кој државата треба да ги продолжи преговорите со Европската Унија и како да се менаџираат договорите со соседите.