СОБРАНИЕТО ПРЕСЕЧЕ: Министрите ќе можат да имаат двојни државјанства, ограничувањето ќе важи само за пратениците?

10

Владејачкото мнозинство во Собранието вчера не ја поддржа потребата од донесување измени на Законот за влада, со кои се предвидуваше министрите да поседуваат исклучиво македонско државјанство. Предлогот, поднесен од опозициската СДСМ, доби поддршка од само 20 пратеници, со што беше отфрлен уште во почетната фаза.

Оваа одлука практично значи дека во иднина ќе се применуваат различни стандарди за двете клучни државни гранки. Додека за пратениците, по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно ќе биде воведена законска забрана за поседување на двојно државјанство, за членовите на извршната власт ваквото ограничување нема да постои.

СДСМ бараше компатибилност и конзистентност

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, образложувајќи го предлогот, истакна дека целта на измените била да се постигне правна логика и компатибилност со веќе поднесениот Закон за пратеници од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако ваков услов се поставува во Законот за пратеници, тогаш неопходно е истото да важи и за членовите на Владата. Оние кои се обврзуваат дека ќе им служат на граѓаните, треба да имаат само македонско државјанство. Во моментов имаме министри во Владата кои имаат едно или повеќе државјанства, како што е случајот со министерката за енергетика Сања Божиновска, за која е познато дека поседува бугарско и чешко државјанство“, потенцираше Спасовски.

Тој додаде дека со ваквото решение ќе се исполнат и очекувањата на граѓаните за целосна лојалност на високите функционери кон сопствената држава.

Мнозинството не го прифати образложението

И покрај аргументите на опозицијата дека законското решение не е спротивно на идеите понудени од власта, пратениците од мнозинството не го прифатија предлогот. Со ваквиот исход на гласањето, законските измени не влегоа во понатамошна процедура, оставајќи го отворено прашањето зошто критериумите за лојалност и државјанство не се подеднакво применети за сите носители на јавни функции.

Македонски