Биљана Ангелова реизбрана за ректор на УКИМ и покрај тоа што нејзиниот противкандидат освои повеќе гласови

8

Проф. д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт, го обезбеди својот втор мандат на чело на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Таа ќе раководи со најстариот македонски универзитет во периодот од 2026 до 2029 година, но самиот изборен процес повторно ги разгоре дебатите за правичноста на актуелниот законски модел.

Според нејзината програма, фокусот на новиот мандат ќе биде ставен на сеопфатното студентско искуство, кое вклучува модерна инфраструктура, советодавна поддршка и зајакнување на чувството на припадност кон академската заедница.

Резултати: Повеќе гласови за Данев, победа за Ангелова

Она што ја бранува академската јавност е крајниот исход од гласањето. Кандидатот проф. д-р Дарко Данев од Машинскиот факултет освоил вкупно 663 гласови, што е за речиси сто гласови повеќе од Ангелова, која добила поддршка од 565 колеги.

И покрај оваа разлика, функцијата ректор ѝ припадна на Ангелова поради специфичниот модел на избор утврден со Законот за високо образование. Овој систем не го вреднува секој глас поединечно (принцпот „еден човек – еден глас“), туку гласовите имаат различна тежина во зависност од факултетската единица од која доаѓаат.

Данев извојувал убедлива победа на клучни и многубројни единици, меѓу кои Економскиот, Правниот, Филозофскиот, Филолошкиот и Медицинскиот факултет, како и на повеќето технички и уметнички факултети. Сепак, калкулацијата на поени според законската формула превагнала во корист на актуелната ректорка.

Академската заедница бара изборни реформи

Ваквиот исход повторно ја отвора дебатата за легитимитетот и правичноста на изборниот модел. Дел од професорската фела укажува на тоа дека постои сериозен јаз меѓу формално-правниот и суштинскиот легитимитет на изборот, бидејќи мнозинството од наставниот кадар гласал за промена.

Очекувањата се дека овој случај ќе биде силен аргумент во претстојните дебати за измена на Законот за високо образование, со цел да се воспостави подобар баланс во одлучувањето и потранспарентен начин на вреднување на поддршката од академската заедница.

Новиот мандат на ректорката Ангелова официјално започнува на 16 септември 2026 година.

Македонски