Македонија пат со акција за расчистување на одроните низ државата
Екипите на „Македонија пат“ утрово започнаа со расчистување на одроните на магистралниот пат А3, на делницата меѓу Делчево и Македонска Каменица, во близина на селото Очипала. И покрај поголемите камења и земја на коловозот, сообраќајот не е во целост запрен – возилата се пропуштаат со кратки задржувања додека траат активностите за обезбедување на трасата. Од терен пристигнуваат информации за присуство на одрони и на други точки на магистралата, поради што се препорачува внимателно возење и намалена брзина.
Слични проблеми се регистрирани и на патниот правец Отешево – Сирхан, каде што наталожени камења го ограничуваат сообраќајот на една коловозна лента, соопшти Автомото сојузот на Македонија.
АМСМ апелира возачите да бидат особено претпазливи на делниците во котлините, клисурите и речните долини, каде што природните услови често создаваат ризик од нови одрони. Како најкритични правци се издвојуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Надлежните служби продолжуваат со засилен мониторинг и навремена интервенција на сите пријавени појави по патната мрежа.