Пожар во руска електрана по напад со украински дронови, Москва со прекин во снабдувањето со електрична енергија

7

Пожар избувна во државната термоелектрана Шатура, околу 130 километри од центарот на Москва, по напад со украински беспилотни летала, јави руската агенција Интерфакс.

Гувернерот на Московскиот регион, Андреј Воробјов, соопшти дека рано утрово електраната била цел на повеќе дронови, од кои дел биле соборени од противвоздушната одбрана, а остатоци паднале во кругот на постројката. Пожарот што настанал бил брзо локализиран и службите за итни интервенции продолжуваат со работата.

Воробјов нагласи дека снабдувањето на Москва со електрична енергија не е загрозено, бидејќи системот автоматски бил префрлен на резервни линии.

На социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледа силна експлозија и пламен во електраната, наводно снимено непосредно по ударот.

Стратешка локација на електраната

Термоелектраната Шатура се наоѓа околу 120 километри источно од рускиот главен град и претставува еден од најстарите и најзначајни производствени капацитети за електрична и топлинска енергија, задолжен за снабдување на поширокиот московски регион.

Претходно истиот ден, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, информираше дека два украински дрона биле соборени додека се приближувале кон градот.

Руската агенција за воздухопловство, Росавијација, привремено го суспендираше аеродромот Жуковски поради присуство на беспилотни летала во областа.

Украински напади врз воена и индустриска инфраструктура

Украина интензивно ги користи домашно произведените беспилотни летала за напади врз воени, енергетски и индустриски цели на руска територија и на подрачјата под руска контрола. Засега нема официјални информации за причинетата штета или за евентуални жртви во нападот врз Шатура.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта соборило 75 украински дронови над девет региони. Министерството прецизира дека 36 летала биле уништени над Црното Море, а два над Московската област.

Дополнително, дронови биле соборени над Крим, како и над регионите Брјанск, Воронеж, Смоленск, Белгород, Калуга, Рјазан и над Краснодарската територија.

Македонски