СДСМ ќе побара анкетна комисија за целосно испитување на трагедијата во „Пулс“

4

Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за одржување надзорна расправа и формирање посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во кочанскиот ресторан „Пулс“. Веста вечерва ја соопшти претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на својот Фејсбук профил.

Филипче информира дека на денешната координација на пратеничката група и раководството на партијата било оценето дека овие чекори се неопходни.

„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во ‘Пулс’, со цел утврдување на вистината и одговори на сите прашања,“ наведува Филипче.

Тој додава дека преку овој процес треба да се провери постапувањето на сите институции, да се утврди политичката одговорност и да се подготват понатамошни мерки и решенија за да не се повторуваат вакви трагедии.

„Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание,“ порача претседателот на СДСМ.

Makedonski