Интензивен дожд предизвика проблеми со канализацијата во Тетово, ЦУК апелира за претпазливост
Интензивните врнежи што попладнево го зафатија западниот дел на државата, особено Полошкиот регион и Општина Тетово, предизвикаа проблеми со апсорпцијата на атмосферската и фекалната канализација во урбаните делови на градот, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Поради намалената пропусна моќ на системите, на повеќе локации под подвозници и надвозници се формирале водени површини, што го отежнува движењето на возилата.
„Апелираме на зголемена внимателност при движење низ улиците и избегнување на сообраќајот кон критичните делови од патната инфраструктура“, порачаа од ЦУК, додавајќи дека надлежните служби се на терен и работат на нормализирање на состојбата.