Град Скопје воведе забрана за фрлање ѓубре од 22 до 6 часот
Советот на Град Скопје го усвои предлогот на градоначалникот за воведување ново правило: од 22 часот навечер до 6 часот наутро строго се забранува фрлање отпад. Целта е подобрување на хигиената, поефикасно собирање на отпадот и спречување на создавање диви депонии околу контејнерите.
Од Градот велат дека мерката им дава јасен правен основ на инспекторите и комуналните редари да санкционираат физички и правни лица кои нема да го почитуваат дозволениот термин.
Претседателот на советот, Даме Димитровски, ја поздрави одлуката, наведувајќи примери од други метрополи како Истанбул и Токио, каде временските ограничувања и селекцијата на отпадот значително го подобруваат системот.
Но, мерката предизвика и реакции. Советничката на Левица, Катерина Јовановска, ја нарече „скандалозна“, оценувајќи дека ограничувањето го префрла товарот врз граѓаните наместо да се решаваат проблемите во работата на ЈП Комунална хигиена.
Покрај оваа точка, советниците изгласаа и ребаланс на буџетот, со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“.