Почнува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026 година – поднесени над 100 амандмани
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да започне амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2026 година. Според информациите објавени на веб-страницата на Собранието, поднесени се повеќе од 100 амандмани.
Предлог-буџетот за следната година предвидува вкупни приходи од 374,7 милијарди денари, расходи од 413,9 милијарди денари, како и капитални инвестиции во висина од 40,5 милијарди денари, односно околу 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата од 28 октомври истакна дека Предлог-буџетот ги опфаќа клучните политики што ќе се спроведуваат во наредниот период, со цел забрзување на економскиот раст и постигнување постепена фискална консолидација.
– Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг, нагласи министерката.
Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година е закажана за 9 декември.