Почина поетесата и книжевната теоретичарка Славица Гаџова Свидерска
Со длабока тага и жалење ја известуваме јавноста дека утринава, 12 ноември 2025 година, почина Славица Гаџова Свидерска (1984 – 2025), поетеса, преведувачка, есеистка и теоретичарка на книжевноста од Битола, соопшти Друштвото на писателите на Македонија.
Свидерска беше доктор на филолошки науки и лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на Факултетот за странски јазици во Тирана. Зад себе остави богато и значајно творештво во областа на поезијата, книжевната теорија и филозофската есеистика. Нејзините дела се преведени на повеќе од десет јазици, а е добитничка на бројни поетски награди во земјата и во странство.
Авторка е на поетските збирки:
„Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), „Golgotha Feminarum“ (2023) и „Мистичен си свету“ (2025).
Во нејзиниот научен опус се издвојуваат монографиите „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013) и „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и збирката есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).
Од НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, каде што Свидерска била чест соработник, изразија длабока жалост за нејзината прерана смрт:
„Нејзиното заминување е голема загуба за македонската книжевна заедница и за сите што ја познаваа нејзината искрена љубов кон пишаниот збор. Славица беше авторка која преку своите дела ги пренесуваше чувствата, спомените и боите на македонската стварност. Нека нејзините зборови продолжат да живеат и сведочат за талентот, љубовта и духот што ги остави зад себе.“
Славица Гаџова Свидерска живееше и работеше во Битола, каде што ја развиваше својата научна и книжевна дејност. Нејзината работа се фокусираше на истражување на односите меѓу книжевноста, дискурсите на моќта и политичкото насилство.
Погребот ќе се одржи утре, 13 ноември, од 11:00 до 12:00 часот, на Светонеделските гробишта во Битола.