„Лукоил“ ги продава странските средства на „Гунвор“ поради санкциите од САД

4

Руската нафтена компанија „Лукоил“, која се наоѓа под санкции на САД, ќе ги продаде своите странски средства на меѓународниот трговец со енергенси „Гунвор“, соопшти компанијата.

„Клучните услови на договорот беа претходно усогласени меѓу страните, а ‘Лукоил’ ја прифати понудата и се согласи да не преговара со други потенцијални купувачи“, се наведува во соопштението.

Договорот опфаќа продажба на 100% од „Лукоил Интернешенел ГмбХ“, чија вредност аналитичарите ја проценуваат на 3 до 4 милијарди долари, иако реалната вредност на средствата се движи околу 10 милијарди.
Според експертите, продажбата се одвива со огромен попуст од 50 до 70 проценти, зависно од земјата и политичките услови.

Од „Лукоил“ потврдија дека склучувањето на обврзувачки договор ќе бара одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при американското Министерство за финансии, како и дозволи во други земји. Компанијата ќе побара продолжување на лиценцата додека не заврши процесот.

Кој стои зад „Гунвор“

„Гунвор“ е основана во 1997 година од шведскиот бизнисмен Торбјорн Торнквист и рускиот милијардер Генадиј Тимченко, близок соработник на Владимир Путин. Компанијата долго време беше еден од најголемите извозници на руска нафта, пред Тимченко да ги продаде своите удели во 2014 година — во пресрет на американските санкции по анексијата на Крим.

Министерството за финансии на САД тврдеше дека Путин има инвестиции во „Гунвор“ и пристап до неговите средства, што компанијата секогаш го негирала.

„Лукоил“ е втора по големина руска нафтена компанија, со активности во Азербејџан, Казахстан, Ирак, Египет, ОАЕ и Латинска Америка, како и рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, и 40 бензински пумпи во Македонија.

Според проценките, продажбата на странските средства ќе и предизвика загуба од до 30% од приходите и 15–17% од производството на јаглеводороди.

„’Лукоил’ е готов“, изјави за Политико поранешен висок извршен директор на компанијата, додавајќи дека без странските средства, компанијата ќе се соочи со сериозни финансиски последици.

На 22 октомври, САД воведоа нов пакет санкции кон повеќе од 30 подружници на „Роснефт“ и „Лукоил“, со рок до 21 ноември за прекин на сите трансакции со овие компании.

Makedonski