ОН со огромно мнозинство го осудија американското ембарго врз Куба – Македонија меѓу седумте држави што гласаа против
Генералното собрание на Обединетите нации со огромно мнозинство изгласа резолуција со која се осудува економското ембарго на САД врз Куба, кое трае веќе 33 години.
За осудата гласаа 165 држави, 12 беа воздржани, а седум гласаа против, меѓу кои и САД, Аргентина, Украина, Унгарија и Македонија.
Минатата година, резултатот од гласањето беше значително поразличен – 187 земји гласаа „за“, само две „против“ (САД и Израел) и една воздржана.
Иако ваквите резолуции не се правно обврзувачки, тие ја одразуваат доминирачката позиција на меѓународната заедница.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, во интервју за Асошиејтед Прес изјави дека Вашингтон спровел кампања на притисок врз неколку држави, особено европски, за да гласаат против резолуцијата.
Според него, Стејт департментот директно ги охрабрувал одредени влади да заземат став против документот.
Како одговор, портпарол на Стејт департментот изјави дека кубанскиот режим не заслужува поддршка од демократските сојузници на Америка, додавајќи дека Куба со години ја користи резолуцијата како „пропагандна алатка“ за да го прикрие сопственото владеење со корупција и репресија.
Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Валц, ја нарече годишната резолуција „политички театар“, обвинувајќи ја Куба дека се претставува како жртва на агресија, иако, како што рече, „јасно се опишува себеси како непријател на САД“.
„Предлагам земјите-членки да престанат да го смируваат режимот со своите гласови и наместо тоа да му испратат порака на светот“, изјави Валц, додавајќи дека гласањето треба да биде сигнал до Хавана да не ги обвинува Соединетите Држави за сите свои економски проблеми.
Родригез возврати остро, нарекувајќи ги забелешките на Валц „некултурни, груби и одвратни“.
„Господине Валц, ова е Генералното собрание на Обединетите нации, не е разговор на Сигнал, ниту седница на Претставничкиот дом“, му одговори кубанскиот претставник.
„Добро сум свесен каде зборуваме. Но ова не е ниту комунистичка нелегитимна законодавна власт во Хавана“, возврати Валц.
Поранешен конгресмен и советник за национална безбедност на Доналд Трамп, Валц беше во центар на контроверзија претходно годинава, кога ненамерно додаде новинар во приватен разговор на апликацијата „Сигнал“ во кој се дискутирале осетливи воени теми.
И покрај сè, кубанскиот министер Родригез нагласи дека пораките од Генералното собрание имаат огромно морално и политичко значење, дури и кога не се правно обврзувачки.
„Не можеме да ја потцениме важноста и влијанието на оваа порака, која ја изразува волјата на најдемократското тело во меѓународната заедница“, рече тој.
Вашингтон, пак, одбива економските мерки да ги нарече „блокада“, тврдејќи дека станува збор за легитимни санкции насочени кон притисок врз кубанската влада, а не кон народот.