Прва операција на мозок со стереотаксија изведена во Македонија
На Клиниката за неврохирургија во Скопје, минатата недела беше изведена првата операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy) – сложена и високо прецизна процедура што претставува голем чекор напред за македонската неврохирургија.
Министерот за здравство Арбен Алиу изјави дека со оваа интервенција се отвора „ново поглавје во развојот на јавните здравствени установи“ и дека се воведува современа минимално инвазивна метода, која овозможува поголема безбедност и побрзо закрепнување на пациентите.
„Станува збор за постапка при која се користи специјална рамка што се поставува врз главата на пациентот. Со помош на тридимензионални пресметки се одредува прецизната точка на интервенцијата во внатрешноста на мозокот, од која потоа се зема материјал за анализа“, објасни министерот Алиу.
До успешното изведување на оваа интервенција се дошло по неколкумесечни подготовки со тим експерти од Бразил, предводен од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло и инженерот Антонио Мартос Калво.
Хируршкиот тим кој ја реализирал постапката го сочинуваат д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).
„Голема благодарност до целиот тим од неврохируршките сали и од одделот за континуирана поддршка во текот на процесот, како и до Клиниката за радиологија за нивната соработка. Оваа постапка отвора исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и за лекување на невродегенеративни заболувања, за кои досега пациентите најчесто беа упатувани во странство,“ изјави директорот на Клиниката за неврохирургија, д-р Љуљзим Агаи.