Почина Владимир Блажев – Панчо од ДНК, по тешките повреди во пожарот во „Пулс“ во Кочани

25

Македонската музичка сцена денеска тагува по веста дека Владимир Блажев – Панчо, член на популарното дуо ДНК, починал утрово во 10 часот по долготрајно лекување во Клиничката болница „Систина“.

Панчо беше сериозно повреден во пожарот што ја зафати дивата дискотека „Пулс“ во Кочани на 16 март оваа година. Тој подолг период беше во кома и се наоѓаше под постојана грижа на лекарски тим, во кој беа вклучени и психолози и психијатри, поради тешката физичка и психичка состојба. Имаше тешки изгореници на лицето и рацете.

Во трагедијата во „Пулс“, која ја потресе Македонија, животот го загубија 62 лица, а повредени беа над 200. Меѓу загинатите беа и осум членови на групата ДНК: вокалот Андреј Ѓорѓиески, музичарот Филип Стевковски, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков, бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо и фотографот Александар Ефремов.

Од „Систина“ изразија длабоко сочувство до семејството на Панчо, неговите најблиски и целата македонска јавност.

„Почитувајќи ја приватноста на секој наш пациент и согласно Законот за заштита на правата на пациентите, не споделуваме информации за нивната состојба,“ соопштија од болницата.

Со смртта на Панчо, Македонија ја изгуби една од највпечатливите фигури на современата музичка сцена, човек чија музика и енергија оставија траен белег кај публиката.

Makedonski