Приведена турска студентка во Гостивар – во станот пронајдена дрога пристигната со пратка од Белгија

6

Студентка од Турција е приведена во Гостивар, откако царинските инспектори пронашле поголема количина на дрога во станот каде што престојувала. Претресот бил извршен по налог на надлежното обвинителство, а при акцијата биле откриени шест таблети MDMA (екстази), 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис.

Според информациите од Царинската управа, инспектори од Одделението за истраги спровеле акција по добиени сознанија дека осомничената примила авионска пратка од Белгија, испратена од физичко лице и заведена под описот „нотес“.

„Во моментот кога осомничената ја отвори пратката и ја извади дрогата, царинските инспектори со налог на јавен обвинител извршија претрес во нејзиниот стан, при што ја пронајдоа забранетата супстанца,“ соопштија од Царинската управа.

По наредба на јавниот обвинител, запленетите супстанци се доставени на вештачење во Министерството за внатрешни работи, каде што е потврден нивниот хемиски состав.

Против студентката е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гостивар за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Makedonski