Крушево меѓу „Топ 100 зелени дестинации“ во светот за 2025 година

9

Општина Крушево се најде на престижната листа „Топ 100 зелени дестинации“ во светот за 2025 година, заедно со туристички региони од САД, Чиле, Франција, Шведска, Словенија и Јапонија, објави меѓународната организација Green Destinations.

Ова признание се доделува на дестинации што покажуваат пример за одржлив туризам, заштита на животната средина и локален развој.

Признанието беше врачено во Монпелје, Франција, а од името на Општина Крушево го примија Татјана Хасану, раководителка на Одделението за локален економски развој, и Сотир Габелоски, координатор за отворени прашања.

Апликацијата за учество во програмата ја изработи Општината со поддршка на швајцарските програми ИМЕ и СИППО, кои со години работат на поттикнување на одржлив туризам и подобрување на локалната економија.

Од програмата ИМЕ – Зголемување на пазарната вработливост соопштуваат дека ваквото признание е резултат на долгогодишна соработка и заедничка работа меѓу Општината, локалните бизниси, здруженијата, институциите и граѓаните.

„Ова признание претставува силна алатка за меѓународна промоција и маркетинг на Крушево, стекната во конкуренција со дестинации од 33 земји ширум светот“, наведуваат од ИМЕ.

Во последните години Крушево се позиционира како водечки хаб за авантуристички туризам, особено во областа на параглајдерството. Благодарение на природните услови, надморската височина и поволните термални струи, градот се вбројува меѓу најдобрите светски дестинации за овој спорт.

Makedonski