Пукотница во Куманово – ранет носител на листа на ДУИ, д-р Зекирија Шахини е надвор од животна опасност

24

Во денешната пукотница во центарот на Куманово ранет е д-р Зекирија Шахини од село Слупчане, носител на советничката листа на ДУИ за Општина Липково и актуелен претседател на Општинскиот совет. Шахини, инаку пулмолог на Клиниката за пулмологија во Скопје, бил застрелан со неколку куршуми во близина на зградата на Фондот за пензиско осигурување.

Според првичните информации, тој бил погоден во ногата и левата подлактница и е надвор од животна опасност.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека инцидентот се случил денеска околу 13:54 часот, на крстосницата меѓу улиците „Димитрије Туцовиќ“ и „11 Октомври“ во Куманово.

„Две лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило ‘Фолксваген голф’, управувано од З.Ш. (43) од с. Слупчане, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово“, се наведува во соопштението на МВР.

Полицијата веднаш ја блокирала улицата ‘11 Октомври’, каде што се наоѓаат судот, полициската станица, поштата и зградата на локалната самоуправа.

На лице место излегле и двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово, кои извршиле увид и прибираат материјални докази.

Обвинителството: Нема индиции за политички мотив

Од Јавното обвинителство информираат дека засега не постојат докази кои упатуваат на политичка позадина на нападот, но сите околности околу случајот се проверуваат.

„Двајца обвинители излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. По напаѓачот се трага“, наведуваат од Обвинителството.

Повредениот лекар пренесен во Скопје

Директорот на Кумановската болница, д-р Сашо Стошевски, изјави дека повредениот бил донесен со четири прострелни рани – во пределот на левата подлактница и десното колено.

„Лицето е во стабилна состојба, надвор од животна опасност. По направените првични испитувања, пациентот беше пренесен на Клиниката за трауматологија во Скопје“, изјави Стошевски.

Полицијата продолжува со потрага по напаѓачите и со обезбедување докази од местото на инцидентот. Засега не е познат мотивот за нападот.

Makedonski