Мицкоски: Многудетното семејство е највисок патриотски чин, СДСМ: За формирање многудетно семејство потребен е достоинствен приход

8

Формирањето семејство и многудетните семејства се највисок патриотски чин за иднината на државата, порача премиерот Христијан Мицкоски на настан за демографски трендови што се одржа во Владата.

Тој нагласи дека без разлика на етничката и верската припадност, семејството е одговор на демографската криза која повеќе од 70 години го зафаќа светот.

„Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња, а во 2024 година само околу 16.000“, рече Мицкоски.

СДСМ преку реакција возвраќа дека: „За формирање многудетно семејство потребен е достоинствен приход за семејствата, а Мицкоски ги уништи приходите.“

Додека Мицкоски продолжува да ги убедува граѓаните дека треба да имаме многудетни семејства, неговата Влада прави сè за да не им го овозможи тоа. Мицкоски, кој доаѓа од високата класа и има часовници од 60.000 евра и бизнис од 10 милиони евра, не може да разбере дека за одгледување на повеќе деца се потребни пари и услови.

Знае ли Мицкоски дека според последните статистики дури 22% од децата живеат во сиромаштија? Наместо да работи на политики за зајакнување на стандардот, покачување на платите, обезбедување поддршка за мајките и жените, наместо да се бори со конкретни механизми за да ги мотивира младите брачни парови да имаат деца, тој им беседи за патриотизам.

На Мицкоски треба да му е јасно дека сите сакаат деца, но за да се имаат повеќе деца потребно е родителите да се чувствуваат сигурни, со стабилни приходи и да живеат во перспективна држава. Ништо од тоа не е Македонија на Мицкоски во овој момент.

Граѓаните се иселуваат, перспективата не постои, платите не растат, економијата тоне. Владее несигурност како никогаш досега. Улиците не се безбедни, има убиства секој ден. Во ваква држава, џабе се пораките на Мицкоски за патриотизам.

Патриотизам е да се бориш за луѓето, за секое семејство, да ги покачуваш платите, а не да ја штитиш олигархијата.

се вели во реакцијата на СДСМ.

Makedonski