Трамп: Договор постигнат – TikTok преминува под американска контрола

8

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за пренос на контролата врз TikTok во САД на група американски инвеститори, со согласност од кинескиот лидер Си Џинпинг. Со извршна уредба потпишана на 25 септември, Белата куќа оцени дека зделката ги исполнува условите од законот од 2024 година, кој наложи раздвојување на апликацијата од ByteDance за да се избегне забрана.

Според рамката, конзорциум предводен од Oracle и Silver Lake – со учество и на абу-дабискиот инвеститор MGX – ќе преземе околу 45–50% од TikTok US. Западните акционери во ByteDance задржуваат дел, додека уделот на самата ByteDance паѓа под 20%. Новиот управен одбор ќе брои седум членови, од кои шест Американци и едно место за ByteDance.

Во инвеститорската постава се и Лери Елисон (Oracle), Руперт Мардок (Fox Corp.) и Мајкл Дел (Dell Technologies).

Клучниот безбедносен елемент е алгоритмот – американската верзија ќе користи „нов“ модел, трениран врз податоци од САД, со надзор од доверливи партнери, а Oracle ќе ја хостира корисничката база на американска територија.

Од Пекинг порачуваат дека станува збор за „комерцијални преговори во рамки на кинеското право“, но Вашингтон тврди дека на 19 септември е добиен благослов од кинеските власти.

TikTok има околу 170 милиони корисници во САД, а американските служби со години предупредуваат на ризик од кинески пристап до чувствителни податоци. Новиот модел на сопственост и алгоритам треба да биде компромис што ќе ја спречи целосната забрана на апликацијата.

Makedonski