Протестите против Вардариште продолжуваат – граѓаните бараат итни мерки, не предизборни ветувања

6

Слаб мирис на пластика го дочека утрово собирот на граѓани кај мостот „Киро Глигоров“ во Аеродром, каде веќе 24 дена по ред се одржуваат протести против загадувањето што, според нив, доаѓа од депонијата Вардариште. Овојпат, чадот и смрдеата доаѓале од пожарот што синоќа ја зафати депонијата во Арачиново.

На асфалтот повторно беа испишани пораките: „1 од 9 деца умираат од загаден воздух“, „2.500 годишно умираат од канцер“, „Дишеме политика, дишеме воздух“ и „Сакаме воздух“.

Протестот го посети и в.д градоначалникот на Аеродром и актуелен кандидат од ВМРО–ДПМНЕ, Дејан Митески, кој изјави дека ја поддржува граѓанската иницијатива. Тој објасни дека Општина Аеродром нема директни надлежности за Вардариште, кое територијално припаѓа на Гази Баба, но дека може да врши притисок врз институциите. Собраните му порачаа дека токму тоа го очекуваат од него и од останатите градоначалници.

Граѓаните остро реагираа и на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека по изборите градоначалниците на ВМРО–ДПМНЕ ќе го исчистат Скопје за 72 часа. „Не по избори, туку веднаш,“ порачаа демонстрантите, барајќи итни мерки.

Митески ги покани утре повторно во 7:30 часот на истото место, за заедно да заминат до Вардариште и да ја видат состојбата. Тој посочи дека депонијата е под надзор на обезбедување и дрон на МВР, но нагласи дека проблемот е долгогодишен и комплексен, вклучително и фактот дека таму живеат околу 200 луѓе, од кои половина се малолетни.

Оваа негова изјава предизвика дополнителен револт кај присутните, кои порачаа дека државата мора да најде системско решение – со документи за идентификација, алтернативно сместување или користење напуштени одморалишта – наместо да се оставаат семејствата да живеат на депонија.

Makedonski